Откупени над 15 милиони килограми тутун по просечна цена од 210 денари за килограм
Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Благој Индов денеска беше во посета на откупните пунктови за тутун во скопскиот регион. На терен имаше средба со тутунарите од овој регион на која што се разговараше за состојбата со откупот на тутунот од реколтата 2018.
Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени над 15,3 милиони килограми тутун по просечна откупна цена од 210 денари за килограм.
Директорот на ДИЗ, Благој Индов рече дека процесот тече без големи проблеми.
„Постојано сме на терен на откупните пунктови и во фирмите за проверката на процесот со откупот. До сега немавме никакви проблеми. На неколку места се случија ситни интервенции и пријави за кои веднаш интервениравме и на задоволство на тутунарите се решија. Минатата недела имавме контрола кај сите откупувачи каде проверувавме како тече исплатата. Секаде оди нормално како што е договорено“, изјави Индов.
За реколтата 2017 на тутунарите им се исплатени 28 милиони евра. Субвенциите се исплатија навреме пред почетокот на новото производство и ваквата пракса ќе продолжи и оваа година, пред почетокот на новата реколта тутунарите да ги добијат субвенциите.
Минатата година засеани беа 14.802 хектари со тутун, а склучени беа 34.104 договори со 9 откупни претпријатија. Се издадоа 23.430 евидентни листови, а вкупната договорена количина за откуп изнесуваше над 29.000 тони тутун. Во споредба со тутунот од реколтата 2017, за тутунот од 2018 се издадени 57 евидентни листови повеќе и се склучени над 4.700 повеќе договори. МЗШВ бележи и зголемени засадени површини со тутун за 387 хектари. Овие податоци покажуваат дека новиот модел на зголемени субвенции со кој субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи за тутунот, дава резултати и како таков продолжува и оваа година.
Во владина процедура влезе новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој ќе се подигнат стандардите на квалитетот на тутунот, но исто така и на тутунопроизводителите како клучен фактор во целиот процес на тутунопреработката. Законот предвидува укинување на евидентните листови или т.н „бели картони“, кои за реколтата од 2019 година ќе се спроведе како пилот. Со оваа законска одредба МЗШВ значајно ќе ги намали бирократските процедури за тутунарите на начин што, тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија. Истовремено, овој закон предвидува понатамошно усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандарди.
Leave a Reply