Откупот на тутунот продолжува, отворени сите пунктови и има интерес за носење на родот, велат од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.Ова го потврдува и Државниот инспекторат за земјоделство.
-Тутунот се откупува на сите откупни пунктови. Тутунарите сакаат да го предадат родот, зашто времето им истекува. Ги повикуваме фирмите да ја зголемат динамиката на откуп, за луѓето да може да го предадат и оној вишок тутун што го имаат и да биде преземен во законскиот рок. На некои пунктови во одредени општини има јавување за запирање за второстепена комисија. Тоа и го бараме како Сојуз – секаде каде има нереална процена, да се запира за второстепена комисија, изјави претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, Менде Стомнароски.
Сојузот, велат, не е против тутунарите да протестираат.
-Ние не сме против тутунарите кои протестираат, така процениле од Иницијативниот одбор, но наше мислење е дека со зголемена динамика ќе се подобри просекот на откуп и навреме да се преземе родот, рече Стомнароски.
Директорот на Инспекторатот, Зоран Шапуриќ вели дека има интерес кај тутунарите за предавање на тутунот. Сите пунктови се отворени, дождот малку ја забави динамиката, но се очекува денеска да бидат купени околу 500 тони. Има и пријави за нереална проценка, годинава најмногу.
– Откупот продолжува, пунктовите се отворени, динамиката ја забави дождот, но се очекува денеска да се преземат околу 500 тони. Годинава има пркеу 100 приговори, половината се позитивно решени и ова се најголем број приговори досега. До 30 декември се откупени 6 250 тони, а просечната цена е 166,8 денари, изјави Шапуриќ.
Во меѓувреме, во Скопје, членови на Иницијативниот одбор протестираа пред Владата. Бараат линеарно зголемување на субвенциите до 100 денари и реална проценка. Револтирани, симболично запалија одредебна количина тутун. Во моментов дел од нив се на средба со надлежните. На протестот им се придружија и лозари од тиквешкиот регион.
Годинава се договорени околу 23 000 тони тутун. Според Сојузот на земјоделските здруженија има вишок од 2.500 тони кои, според договорот, треба да се преземат во законскиот рок на откупната кампања.
No comment yet, add your voice below!