Државен инспекторат за земјоделство: Бавно тече откупот на тутунот, потребни се законски измени

 

Од почетокот на откупната кампања се преземени над 6 000 тони тутун по цена од 330 денари за килограм. Тоа е малку и откупот се одвива бавно, констатираат од Државниот инспекторат за земјоделство.

-Досега се откупени преку 6 000 тони тутун.  Нема пријавено некои неправилности. Има некакви дојави, но немаме официјална пријава. Но, на теренот сѐ ќе провериме.

Откупот се одвива со бавно темпо, но ќе видиме.

Сакам да ги повикам откупните компании да го следат примерот на Владата  која најави зголемување на субвенциите за над 25 отсто, така што да го направат тој чекор поскоро и да заврши оваа голгота на тутунопроизводителите и да почнат што поскоро да се подготвуваат за новата, годинашнава реколта тутун, вели Јане Станкоски, директор на Државниот инспекторат за земјоделство.

Годинашната реколта се проценува од 13. 000 до 15. 000 тони што е речиси половина од претходните години.

Станкоски смета дека се неопходни измени во Законот за тутун за регулирање на производството и преработката, како и за правата на тутунарите.

– Законот е стар неколку години, сега има нови моменти во производството и во преработката, време е да се преговара за нови правила во процесот.

Тутунопроизводството е многу значајна и индустриска и гранка во земјоделското производство. Затоа мислам дека од компаниите треба да има посериозен пристап.

Има одредби во законот кои се покажаа проблематични, како во класите на тутун, така и во договарањето на цените, заштитата на тутунарите, нивните права.

Сето тоа бара поширока дебата на заинтересираните страни, смета Станкоски. Бавниот процес на откупот на тутунот е најизразен во Прилепскиот регион, кој е и најголем производствен на тутун.

Законскиот рок за откуп е до крајот на февруари.

Станкоски во одбрана на тутунарите

 

За една недела од официјалниот почеток на откупната кампања, само 500 тони тутун се преземени по цена од 300 денари за килограм. Откупот не добил на интензитет и се очекува тоа да биде по Нова година. Почетокот го следеа досега незапаметени состојби – отворени, но празни откупни пунктови, а потоа дел тутунари се жалеа дека откупувачите не им го преземаат родот.

-Сите регистрирани 263 пункта во земјава се отворени со 280 ваги од официјалниот почеток на откупната кампања на 15 декември. Досега се откупени преку 500 тони и за откупната сезона сепак е малку, изјави Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

До Инспекторатот досега нема стигнато ниту една официјална поплака за неправилности. Но оттаму им порачуваат на откупувачите да не ги условуваат тутунарите дека ќе им доплатат ако и другите компании ги зголемат цените. Тоа може откупувачите да го сторат без условување.

-Одредени откупни компании имаат истакнато некое известување дека доколку се зголемиле цените, и тие ќе им до плателе. Сметам дека сакаат тутунарите да ги доведат во заблуда. Во Законот за тутун се вели дека има можност да се зголемат цените доколку има некои вонредни или неочекувани ситуации во текот на производството и на откупот. Со официјален анекс се решава и може да се зголемат цените по класи. Тоа што го истакнуваат некои фирми е небулоза. Тоа е и малициозно однесување спрема тутунарите. Да бидат сериозни и може да ги зголемат цените по класи. Апелирам тутунарите да не подлегнуваат на такви дејанија, рече Станкоски.

Годинава се склучени околу 30 000 договори за преку 26 000 тони тутун, но родот е преполовен. Се очекуваат од 13 000 до 15 000 тони тутун. Интензитетот на откупот се очекува по Нова година.

Станкоски од ДИЗ: Преку камери ќе се контролира и санкционира палењето на стрништа во земјава

Со помош на камери поставени на антените на телекомуникациски оператор на 10 локации во земјава, Државниот инспекторат за земјоделство ќе го контролира и санкционира палањето стрништва во земјава. Проектот кој стартува деновиве како пилот проект, го најави Јане Станкоски, директор на инспекторатот. – Склучивме договор со кој што на 10 локации во нашата држава на антените на операторот имаме камери со зум од 10 километри, со кои што можеме да ги видиме и да ги санкционираме земјоделците кои што ги палат своите стрништа. Овие камери се сензитивни на чад и нашите инспектори преку порака на СМС или е-mail се алармираат дека на тие локации каде што е камерата поставена има пожар. Потоа заедно со  службите на противпожарната и полицијата одиме на лице место и ги пронаоѓаме сторителите или реагираме да се спречи пожарот и да нема поголеми проблеми –  објаснува Станкоски. Палењето на стрништа е сериозен проблем во земјава и само од почетокот на годината до сега се направени 114 записници за ова казнено дело, но откриени се само четири сторители. Токму камерите со голем зум ќе помогнат не само во навременото откривање и спречување на пожарите, туку и во санкционирање на сторителите и нивно казнување. – Ова е проблем особено во Кочанскиот регион, во Пелагонискиот регион и во Тетовското поле каде има житни култури. Нашите земјоделци имаат некоја традиција и мислат дека ако го запалат стрништето, полесно ќе го обработуваат понатаму. Тоа е грешка и ние се обидуваме да ги едуцираме – вели Станкоски. Се работи за пилот проект со кој од Инспекторатот се надеваат дека од наредната година ќе биде опфатена целата држава. – Ова е една модерна технологија која што сигурно ќе придонесе како за нас, така и за противпожарната служба и за службата за интервенции. Ова е нешто што го има секаде ва светот и ние се приклучуваме на таа модерна технологија – вели Станкоски.